KINENOVA

Емин Алпер: Филмот беше мојата прва љубов

Emin Alper

Киненова: Зошто филм? Што ве фасцинира во оваа уметност, како историчар?

Емин Алпер: Во суштина, мојата прва љубов беше филмот. Во мојата биографија филмот доаѓа пред мојот интерес од историјата. Уште од дете бев привлечен од раскажувањето приказни, а и јас сакав да ги раскажувам. Додека бев во средно училиште одлучив да бидам филмаџија, бидејќи бев маѓепсан од филмовите што ги гледав. По моето дипломирање, пак некако сепак одлучив дипломскиот труд да ми биде од областа на историјата. И тогаш се пронајдов себеси како историчар. Во мојот интелектуален и уметнички свет, низ целата моја кариера, овие две дисциплини се надополнуваат. Мислам дека филмот е многу влијателен начин за да се претстави историјата, општеството и човечката психологија, во исто време. Како историчар, ме интересира начинот како луѓето се дефинирани со нивната историја и социјални околности. Филмот ми дозволува да ги истражувам овие процеси не само интелектуално, но исто така и емоционално и визуелно.

Киненова: Листата на вашите омилени режисери ги вклучуваат Кустурица, Фасбиндер, Висконти, Ханеке? Што вие гледате во нивните филмови?

Емин Алпер: Им се воодушевувам на режисерите кои можат да ги спојат своите лични визии со длабоко разбирање на општеството и човечката психологија. Кустурица е режисерот кој ме убеди дека треба да станам филмски автор, тој во себе носи исклучително чувство на енергија и апсурд. Во мојот подоцнежен период неговото влијание врз мене избледе. Фасбиндер и Висконти се многу моќни во портретирање на социјалните структури и релациите на класите. Ја сакам историската перспектива на Висконти и како ги портретира своите страстни карактери во историски и социјален контекст. Ханеке пак е, крајно прецизен и го истражува насилството и отуѓеноста. Со нив ме спојуваат тоа што нивните филмови се и многу лични и политички во исто време.

Киненова: Во вашите филмови сведоци сме на суровиот реализам, магичниот реализам, црниот неореализам, во кои креирате многу едноставни а пак би рекле комплицирани човечки стории. Како го постигнувате сето тоа во еден филм?

Емин Алпер: Јас и не размислувам за стиловите и жанровите кога почнувам да работам на еден филм. Обично прво ми доаѓа приказната и психолошкиот свет на карактерите. Визуелниот стил се произлегува од потребата на приказната. Мислам дека различни елементи можат природно да коегзистираат ако послужат во исто време на истиот емоционален и драмски свет. Но, секогаш кога ќе го завршам филмот, сфаѓам како сум ги потребил сите оние жанровски елементи кои ги споменавте. Тоа не е случајно совпаѓање, бидејќи сите тие наративни алатки ме фасцинираат како гледач. Можеби кога сакам да раскажам приказни кои стварно ме шокираат или емоционално ме импресионираат, јас ги користам овие алатки за да ја импресионирам и публиката на истиот тој начин. Мислам дека соголениот реализам е несоодветен за мене за да го создадам ефектот што сакам да го создадам. И покрај тоа што моите стории имаа реалистична основа, секогаш сакам да креирам стил кој што е зад границата со реалното.

Киненова: Дали некои од вашите карактери постојат и во реалноста? Дали создадовте карактери кои всушност и ги познавате?

Емин Алпер: Понекогаш позајмувам некои карактеристики од луѓето што сум ги сретнал, запознал, но моите карактери никогаш не се директни портрети на луѓе што постојат во реалноста. Обично се комбинација од различни опсервации, искуства и имагинација.

Киненова: Карактерите често ви се означени со многу природна темнина. Дали мислите дека темнината е поприсутна и помоќна од светлината во овој несигурен свет?

Емин Алпер: Не мислам потполно дека темнината е помоќна од светлината. Но, мене ме интересира таа помрачна страна во човековата природа бидејќи многу често е скриена зад еден обичен социјален живот. Моментите на криза многу отворено и јасно можат да ја разоткријат оваа нивна страна. Темната страна на човештвото е потешка за да се прифати, многу потешка за да се разбере, сфати. Затоа сум привлечен од неа. И политички, ако сакаме да живееме во подобар свет, ние дефинитивно мораме да се соочиме со нашите темни страни.

Киненова: Дали мислите дека филмските уметници, како интелектуалци, треба да се социјално и политички ангажирани преку своите филмови?

Емин Алпер: Не мислам дека тоа треба да биде единствено правило кое треба да важи за филмаџиите. Секој режисер, писател, сценарист, има свој начин на комуникација со реалноста и начин на справување преку уметноста. Но филмот неизбежно го рефлектира општеството во кое е создаден. Дури и кога филмскиот автор се обидува да ја избегне политиката, неговите напори можат да имаат политички импликации. За мене е многу важно да останам сензибилен кон социјалната и политичката реалност околу нас. И посебно ако живеете во земја како мојата, потребни се особени напори да ја избегнете политиката во своите дела. Барем јас така ја доживувам релацијата помеѓу уметноста и секојдневието.

Киненова: Дали им дозволувате на актерите и актерките да импровизираат?

Емин Алпер: Да, но до извесни граници. Обично имам многу јасна идеја за секоја сцена и не сакам актерите само едноставно да го изнесат она што сум го намислил. Ги охрабрувам да внесат свое разбирање и инстинкти во нивните карактери. Поотворен сум на импровизации за време на пробите. Кога нешто ќе ме бендиса за време на пробите, им велам да го задржат тоа. Сакам актерите да доаѓаат на снимање подготвени, но не сум целосно затворен за импровизации на сет, исто така.

Киненова: Што ќе кажете за филмскиот фонд во Туркије? Дали добивате од нив финансиска поддршка за вашите филмови?

Емин Алпер: Националниот филмски фонд е многу значаен за турските артхаус филмаџии, особено за оние помладите. Моите први два филма ги реализирав со помош на овој филмски фонд. Сепак, во последниве десетина години, процесот на дистрибуција се одвива крајно партизански така што опозициските филмски автори беа изоставени од поддршката за тоа од овој фонд. Јас не можам да добијам поддршка за тој процес за последниве мои три филма. Така што станува претешко за мене да ги финансирам моите проекти.

Киненова: Дали имате свој омилен филм, меѓу своите? Што го прави посебен за вас?

Емин Алпер: Тешко е да се избере еден. Силно емотивно сум поврзан со сите мои филмови на различни начини. Филмот Зад ридот има различно место во мене затоа што тоа беше мој прв целовечерен игран филм и во него ги востановив главните теми кои се провлекуваа и потоа во следните мои филмски проекти. Френзи беше можеби најпредизвикувачки за мене и многу ја сакам атмосферата во него. Го сакам и Приказната за трите сестри бидејќи ми е прилично личен филм. Ја сакам темнината, визуелниот стил, и политичката содржина на Спас исто така.

Киненова: Што знаете за македонскиот филм?

Емин Алпер: За жал, моите познавања се оскудни, лимитирани во однос на познавање на режисерите од Македонија. Секако дека го знам Милчо Манчевски, Пред дождот имаше големо влијание врз мене кога го гледав како млад студент којшто сака да биде филмски автор. Го сакам Медена земја, тоа е многу силен со емоции документарец. Ја следам и ми се допаѓаат последните филмови на Теона Митевска. Теона ми е и пријателка.

Киненова: Киненова е фестивал што ги слави новите и моќни филмски гласови, што би им препорачале ним?

Емин Алпер: Би им советувал да не се занимаваат многу со следење на трендови. Треба да се обидат да го откријат својот сопствен глас и да создадат филмови кои искрено чувствуваат дека треба да ги направат. И над се, тие треба да гледаат што повеќе филмови од различни жанрови.