Отворено 9. издание на МФФ Киненова
Објавено на: октомври 16, 2024
Гоце Цветановски го отвори фестивалот „Киненова“, Улрих Зајдл со порака:
Кога се загрозени слободата на уметноста и слободата на филмската уметност, човек мора да даде отпор. Во времиња како овие, слободата на уметноста е загрозена. Во времиња како овие, загрозена е и слободата на филмската уметност. Но тоа не е сè. Во времиња 0како овие, следната генерација режисерки и режисерки понекогаш ја обзема страв. Тие не се плашат дека ќе потфрлат како режисерки и режисери, не, не се работи за таков страв. Туку се плашат дека ќе создадат погрешен филм, имено филм што за некого е правилен филм, а кој според владејачкиот дух на времето и според тие што ни го диктираат духот на времето е погрешен филм, рече во своето обраќање годинешниот лауреат на МФФ Киненова, австрискиот режисер, сценарист и продуцент Улрих Зајдл.
-Имено, духот на времето, кој е меѓу нас и кој лебди над нас, има за цел да ја подучи кинопубликата, и тоа да ја подучи и да ја преобрати на таков начин што ќе одговара на неговите ставови и светогледи. Во смисла на моралот – а мора да се признае, и во смисла добронамерноста – овој дух на времето – има за цел да ја лаже, да ја мами и да ја заблудува публиката, затоа неговите претставници мислат дека се на страната на честа, имено на страната на моралот, и тоа на страна на правилниот морал. Тие чувствуваат дека го имаат тоа право и се сигурни во тоа. Знаат што е правда, а што е неправда, знаат кои се добрите, а кои се лошите. Зашто во времиња како овие, еден филм е само тогаш правилен, скапоцен, а со тоа и подобен, ако креира посакуван свет што се претставува како животна стварност, макар што воопшто не одговара животна стварност. Во времиња како овие мора да се прикрие животната стварност за да се создаде политички правилен свет, кој не е отслик на вистинскиот свет, туку е диктат во смисла на т.н. добри луѓе, а е и догма што не смее да се преиспитува затоа што догмата во смисла на добрите луѓе е добра догма.
Значи, следната генерација режисерки и режисери не ги обзема само страв, туку кај нив едновремено провејува и самоцензурата. Човек се цензурира себеси, си ги цензурира идеите, приказните и граѓата, станал претпазлив. Има желба да го задоволи духот на времето, се плаши од моќта на општествените медиуми, со кои не сака да се замери. Човек не сака да направи нешто погрешно зашто сака да создаде филм, а сака да постигне и успех со филмот што би го создал. И затоа што човек сака да создаде филм и не сака да направи нешто погрешно, тој си се подредува себеси и си ги подредува приказните и ликовите, за да биде сè правилно, имено во смисла на духот на времето и секако во смисла на институциите што ја поддржуваат филмската продукција, во смисла на радиодифузиите, на жиријата и на комисиите за селекција на филмови. Зашто има струи и развојни текови на меѓународната филмска сцена што влијаат врз тоа за кои приказни и за кои луѓе треба да се раскажува во филмот, т. е. за кои приказни и за кои луѓе, пак, НЕ ТРЕБА да се раскажува во филмот Или, кажано со други зборови, владее тенденција да ни се пропише нам, на режисерките и режисерите, КОИ ТЕМИ се соодветни на времето, за КОИ ПРИКАЗНИ КОИ ЛУЃЕ треба да ги раскажуваме и КАКО да ги раскажуваме. Се создаваат нови табуа, и тоа со т.н. чесна намера. Табуа, како на пример, за КОГО КАКО и ШТО смее или не смее да се каже. А пред сè, КОЈ што смее да каже. Светот нема да се подобри ако филмовите НЕ ги прикажуваат општествените недостатоци, дискриминацијата, злоупотребата на моќта и погрешното однесување од сите видови како отслик на нашата животна стварност, затоа што човек НЕ сака да го има – сето тоа зло. Напротив. Како млад режисер, настапив со моите филмови за да го изменам светот. Моите филмови требаше да го ослободат погледот за она што е вистина и за она што е стварност. Имав намера со нив да гребам по површината, да раскажувам за општествените околности, моќта и односите на моќ, за љубовта и за копнежот по љубов, за страдањето што луѓето заемно си го предизвикуваат и за бездната што е скриена во секого од нас. Но набрзо сфатив. Со филмови, човек, вистина, не може да го измени светот, но и покрај тоа – и дотолку повеќе – мора да се обидува да го измени светот со филмови. А за тоа е потребна храброст. Потребна е храброст, а потребен е и увид за да се раскажува за вистинитото и за човечкото, за овдешното и за денешното, за ужасното и за ужасувачкото, и тоа на сосема сопствен начин, според сопствените замисли, со сопствена слобода, без оглед на тоа кој дух на времето нè пресретнува и сака да ни пропише што човек смее да прави и што сè не смее да прави.