Мастерклас на Срдан Голубовиќ на „Киненова“- Автор во фокус: Уметноста и филмот не смеат да и слугуваат на политиката, треба да има независност во секоја смисла

Објавено на: септември 30, 2025

По распаѓањето на југословенската федерација, српската кинематографија остана да биде водечка филмска сила на поранешните простори, со производство на многу филмови и ТВ серии со променлив успех.Едно од ретките имиња кое се издвои во квантитативното море од српски филмаџии е она на Срдан Голубовиќ, кој се’ што досега сними е вредно како злато. Затоа беше многу едноставно кога помисливме кој автор од регионот би бил достоен гостин на нашето јубилејно фестивалско издание, без предрасуди изборот падна на единствениот Срдан Голубовиќ.

-Ние што живееме на Балканот знаеме дека не е најдобро за живеење, но е добро за филм. Немаме проблем со инспирација, и дури мислам дека нашата стварност е многу поинтересна отколку филмовите што ги правиме. Не можеме да ја стигнеме, бидејќи стварноста стана апсурдна, па дури и драмски невозможна. Она што се случува околу нас ако го ставиме во филм, некој би одлепил. Но, и тоа вредност. Ете Даг вчера рече дека кај нив е тешко да се најде инспирација, Тоа е затоа што општеството е средено и не нуди таков вид на провокација, а ние имаме многу нешта, плус филмот е близок на стварноста и не може да биде слеп на тоа што се случува. Но, од друга страна уметноста и филмот не смеат да и слугуваат на политиката и треба да има своја независност во секоја смисла, рече Голубовиќ на денешниот мастерклас.

Во рамките на програмата на МФФ Киненова, Голубовиќ разговараше со студентите и присутните на мастеркласот за своите почетоци, за неговиот првиот филм, начинот на работа, и ги советуваше помладите колеги како да постапуваат…

-Ако не работите во моментот, музичките спотови се фантастична форма за искуство. Мене тоа многу ми помогна, работев на многу музички спотови и го ослободив мојот авторски израз. Имав можност пред се да работам. Има една работа, се она што ќе го научите во училиште после тоа мора да се ослободите од сето и да ги срушите сите правила на кои ве учеле професорите, Мене ми помогнаа музичките спотови и потоа почнав да работам на сценариото за „Апсолутните 100“ и тоа траеше 4 години, сменив неколку продуценти, додека на крајот мојот кинематографер и јас не одлучивме да направиме неша фирма „Баш челик“ и сами да тргнеме во авантура, рече Голубовиќ.

Ги советуваше младите режисери дека со првиот филм е многу важно да покажете дека можете поинаку и да срушите се она што е зад вас.

-Треба да имате мотив да покажете дека можете подобро од генерациите кои се постари од вас. Морате да имате некаков вид на безобразлук, да покажете автентичност, посебност. Најголема предност кога го снимате првиот филм е што немате поим како се прави тоа, има тука некаква наивност и невиност, а веќе со вториот филм тргнува сопствената манипулација, истакна Голубовиќ, и додаде дека во првиот филм се сите филмови што ги сакаме, сите книги што сме ги читале и тоа навистина е некава искреност, се е ставено во него.

Глумата на театарска сцена и на филм е потполно иста, смета Голубовиќ, само сретствата се различни.

-Разликата е во интензитетот и во сретствата е крупниот план, како сретство на филмот кое го нема театарот го менува начинот на рскажување и на глумење. Во „Клопка“ сфатив дека дијалогот мене воопшто не ме интересира, не ме интересира што говорат луѓето, туку што мислат и што чувствуваат. Особено оној кој го трпи разговорот, а не оној кој го води разговорот, и всушност и направив свој метод и прво го снимам оној кој говори, а му давам време на оној кој трпи, бидејќи емоцијата е во него, а мене тој ме интересира. Тоа е филмот-искажаниот збор. На филмот не му е блиска информативноста. Во книжевноста тоа со една реченица ќе го објасниш, но кај филмот тоа е невозможно. Но, филмот, освен музиката е тој кој може да ја предизвика најбрзо емоцијата, рече Голубовиќ, и посочи дека кога говориме многупати ги криеме нештата, лажеме, манипулираме, но она штво вистински го чувствуваме е тоа што него на филмот го интересира.

Наследувајќи ја професијата на својот татко Предраг Голубовиќ, релативно рано, во бурните деведесетти, додека траеше војната во Босна, Срдан ги направи своите први филмски чекори снимајќи ги кратките филмови „Од онаа страна на немирот“ (1993) и „Тројка“ (1994). Следеше учеството во омнибусот со славно име, „Пакет арфанжман“, како заверка на материјалот и почеток на една фина филмска бајка која трае до ден-денес.

И веднаш со дебитантскиот филм „Апсолутните 100“ (2001) почнаа да се нижат фестивалските успеси ширум светот: Париз, Солун, Котбус… и авторот беше препознаен. Повторно пауза од шест години меѓу два филма, и повторно ремек-дело. „Кругови“ (2013) снимен според вистинит настан ги врати духовите од минатото, и не’ потсети зошто Александар Берчек е еден од најдобрите актери од својата генерација на овие простори. И конечно, „Татко“ во 2020 година го зацементира статусот на Голубовиќ како еден од најзначајните српски филмски автори во новиот милениум, овој пат и со заслужениот успех на Берлиналеот, каде филмот освои две награди, од публиката и на екуменското жири.

Голубовиќ е еден од оние автори кои на животот му гледаат директно в очи, и на вистински начин обработувајќи ги социјално-општествените теми релевантни во моментот, погодуваат директно во срцето на гледачот. Тој е доцент по филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Белград, несебично го споделува своето знаење со студентите и младата екипа филмски уметници кои се жедни за учење за правилен пристап кон филмската уметност, кое се гради со години и децении.