Интервју со Јуре Павловиќ, сценарист и режисер : Филмот си има универзална емоција со која луѓето лесно се поистоветуваат

Објавено на: септември 23, 2025

Годинашното, јубилејно десетто издание на Интернационалниот филмски фестивал „КинеНова“ ќе биде отворено со документарниот филм „Загубениот Тим од соништата“ на хрватскиот сценарист и режисер Јуре Павловиќ. Се работи за приказната за фантастичната генерација на југословенската кошарка, која во 1991 година во Рим го освои своето последно злато, токму во моментите кога земјата се распаѓаше. Во филмот со свое гледиште настапува златната генерација на која и припаѓаа Дивац, Кукоч, Паспаљ, Раѓа и останатите ведети на југословенската кошарка, која за жал, не го оставри сонот да се сретне со првиот „Дрим тим“ од НБА лигата на Олимписките игри во Барселона во 1992 година, како можен и посакуван „судар на титаните“

–        Роден сте 1985 година, и малку е веројатно дека се сеќавате на настаните за кои раскажувате во Вашиот нов документарен филм. Тоа не’ носи до прашањето „дали приказната го пронаоѓа авторот, или авторот ја пронаоѓа приказната“?

–        Во мојот случај речиси секогаш испаѓа дека приказната го пронаоѓа авторот, па така беше и овој пат. Првото нешто што ме заинтригира е дека за овој настан кој се случи во 1991 година, во Хрватска (што донекаде и се подразбира) за него многу малку се зборува или се пишува, за разлика од некои други спортски успеси. Потоа наидов на сјаен текст од Борис Дежуловиќ, кој тоа Европско првенство во 1991 година го смести во контекст на политичките случувања во тоа време, и во тој момент за прв пат сфатив дека тоа првенство се одвиваше паралелно со распадот на поранешна Југославија и со почетокот на војната на Балканот. Тоа, и како обичен гледач, но и како режисер, ми беше ужасно интересно, да дознаам како луѓето, во овој случај спортистите, се чувствувале кога се случувале тие историски настани, и како тоа влијаело врз нив.

–        Кој беше клучниот момент кога одлучивте дека оваа приказна е токму таа која сакате да ја снимите? Дали можеби сакате кошарка? Или едноставно, како филмаџија, препознавте приказна со силна порака?

–        Откако приказната на свој начин ме пронајде, одлучив да поканам преку еден свој пријател еден од кошаркарите на кафе. На таа дружба ја сфатив целата драма на таа приказна и нејзиниот емотивен потенцијал, пред се’ низ специфичните перспективи на луѓето кои до тоа првенство беа „деца“, млади луѓе во своите 20-ти години, спортисти кои за ништо друго не требало да размислуваат освен за кошарката, млади луѓе кои воделе безгрижен живот. На тоа првенство тие за прв пат дошле во ситуација да се соочат со политиката и тоа неминовно ги сменило нивните животи, морајќи бргу да пораснат и созреат. Тој емотивен потенцијал што го препознав на првото кафе ме водеше се’ до крајот од процесот на реализација на филмот.

–        По распадот на Југославија, на многумина во филмот и книжевноста главен фокус им беше, и се’ уште е, приказната за таа „утописка“ држава која на крајот, за жал на многумина, не успеа во својата намера. Како дел од новите генерации кои растеа, се оформија и созреаја по нејзиниот распад, дали ви беше полесно да го снимите овој филм, гледајќи на работите од безбедна дистанца?

–        Мислам дека ми беше полесно, бидејќи од сигурна дистанца можев неутрално и реалиситчно да ја раскажам приказната за таа „утописка“ држава, без да имам некој особен емотивен впечаток за неа. Во таа смила, мислам дека филмот е многу врамнотежен при прикажувањето на историските случувања, базирајќи се врз сопствената перспектива на протагонистите во него.

–        Дали сметате дека вашиот филм е „југоносталгичен“, бидејќи некогаш оваа „етикета“, во зависност од начинот на употреба, има позитивна, а друг пат негативна конотација?

–        Се разбира дека не сметам дека е „југоносталгичен“, туку „југореалистичен“. Во таа насока интересно е како филмот започнува, со приказната на Бранко Коцкица кој на децата им ја објаснува Југославија, „братството и единството“ и како „заедно сме посилни“. До крајот на филмот се гледа како таа приказна испадна детска и многу наивна, а на крајот сите знаеме и како таа заврши. Затоа сметам дека филмот има здрав и реалистичен однос кон поранешната држава, каде се прикажуваат некои позитивни работи кои кај луѓето будат носталгија, но и некои помалку убави нешта, особено земајќи го предвид лошиот крај на целата приказна.

–        Дали беше тешко да се натераат кошаркарите, по три и пол декади, повторно да се присетат и да зборуваат за нивниот „неостварен сон“? Бидејќи во меѓувреме им се случија толку многу други работи, титули, бизниси… Дали имавте потешкотии со некого од нив, или сите беа согласни дека приказната треба да се раскаже на овој начин?

–        Тие на почетокот беа внимателни, бидејќи беа свесни дека и по 35 години, приказната за последниот југословенски тим може да предизвика секакви реакции во новонастанатите држави, во зависност која страна го толкува тоа. Но низ разговорите со мене сфатија дека се работи за еден чесен и неманипулативен пристап, поради што на крајот сите ми ја дадоа довербата една ваква приказна да се овековечи на големиот екран.

–        Гледаме многу карактери во филмот. Цел „тим од соништата“. Што авторски ви беше најинтересно? Дали тоа е моментот на антиклимакс, кога наместо радост, кошаркарите ги дочекува атмосфера на делби, борба за нешто свое, додека кај нив се уште е жива емоцијата на заедништвото?

–        Да, тоа и според мене е силен момент, бидејќи тогаш илузијата се распаѓа и протагонистите ги дочекува студената реалност. Она што лично ми се допадна е моментот дека добрите и нормални луѓе честопати се и многу наивни: голем број на луѓе од овие простори не веруваше дека ќе дојде до распад на државата, иако грзоните работи веќе тропаа на вратите. Затоа тој антиклимакс во филмот ја прикажува студената реалност таква каква што е, и тој емотивен момент силно удира врз гледачот.

–        Во филмот имате еден авторски момент кој е многу допадлив – тие неколку секунди кај интервјуираните, кога не зборуваат, туку молчат, на нивните лица гледаме емоции, кои кажуваат многу повеќе од она што претходно или потоа го кажале. Дали тоа ви беше однапред планиран авторски елемент, или се наметна подоцна, во монтажата?

–        На некој начин беше планиран, но всушност до полн израз дојде во монтажата. Од почетокот знаев дека нивните несвесни гестови и тишината се еднакво битни како и кажаните зборови, а во монтажата само требаше да најдеме вистинска мерка во таа постапка, што не беше баш лесно.

–        Како автор, што повеќе ве допресилната емоција на другарство која толку сочно ја искажаа во филмот овие спортски легенди, и покрај растечкиот национален набој, или онаа емоција со која сакаа да застанат на врвот од спортскиот пантеон, сепак губејќи ја шансата поради политичките перипетии?

–        Повеќе ме допре емоцијата на другарството, бидејќи во неа има нешто толку вистинско и силно. Пријателставата што се градени во младоста не можат да бидат замолкнати поради националните тензии. Тоа ни покажува дека на крајот сите ние сме само мали и беспомошни штрафчиња пред националистичките ѕверови и големите историски настани.

–        Дали сметате дека оваа приказна, која очигледно има универзална порака – неостварување на сонот на врвни спортисти да заиграат против најдобриот НБА тим на сите времиња, откако нивната земја ќе се распадне – ќе биде препознаена од светската публика, кога веќе знаеме и сме и повеќе од сигурни дека во регионов ќе предизвика големо внимание?

–        Сигурен сум дека насекаде ќе предизвика внимание, бидејќи веќе на првите проекции во регионот, на кои присуствуваа и многу странци, сфативме и увидовме дека приказната емоционално ги погодува луѓето од различни страни на светот, дури и оние кои не знаат ништо за кошарката, ниту истата ја следат. Филмот си има универзална емоција со која луѓето лесно се поистоветуваат. Јас сум автор кој се труди да работи на теми што смета дека се важни, и во таа смисла не реализирам филмови кои се калулирани со цел да им се допаднат на одредени фестивали. Од друга страна, пак, глобалниот пазар е презаситен со разно-разни спортски приказни, некои од нив и со глобално поактуелни имиња, така што ќе треба да се работи на случајот овој филм да се позиционира и да си го пронајде своето место под сонцето, притоа не сомневајќи се во неговиот квалитет и во тимот кој стои зад него.

–        Дали сметаш дека твојот филм ја поседува таа моќ да ги натера луѓето од регионот на размислување за едно ново заедништво, макар и како слободни луѓе?

–        Мислам дека сите ние треба да бидеме отворени кон луѓето од другите држави, многу повеќе трудејќи се околу заедничката соработка и позитивните вредности што произлегуваат од неа, бидејќи на тој начин ќе биде подобро за сите нас. И не мислам дека треба да се ограничиме само на земјите од поранешните Ју-простори, иако факт е дека многу нешта не’ поврзуваат, од сличните јазици до заедничкото минато. Мислам дека филмот ја има таа моќ да ги натера новите генерации да размислат што им носи добро, вртејќи се кон позитивните вредности. Почитување, уважување, соработка и пријателство – тоа се вистинските нешта околу кои сите треба да се потрудиме да станат нормални нешта во нашите општества.