Во секој вистински филмски автор се крие непоправлив бунтовник. Без разлика на уверувањата, етнички, национални, верски, сексуални, идеолошки, политички тие не отстапуваат од идејата да понудат своја перспектива на нештата, случувањата, актуелните мигови на живеење, горливите прашања кои се тука, околу нас, отсекогаш. Таков исклучителен филмски уметник е и норвежанецот Даг Јохан Хагеруд, кој за себе најпрво вели дека е библиотекар, па потоа писател, сценарист, режисер, а во филмската критика опишуван и како истакнат хуманист. Неговите романи, кратките раскази и кратките филмови, навестувале дека на филмската сцена и приоѓа еден умен, образован, но спонтан и принципиелен филмски режисер и сценарист. Приоѓа како мирен бран кој ги руши бариерите. Тоа кај нас во Македонија го викаме синдромот на мирна река, која брег рони. Такви се и филмовите на Хагеруд, со еден бран, предизикуваат цунами. Како и феноменот на ефектот на пепрутката. Леснотијата во изразувањето на еден лик во неговите филмови, предизвикува тегобност кај многумина други, вон опсегот на видливиот хоризонт. Тој со неговите филмови подредени во услови на рационалното секојдневие во Норвешка, разбудува бура од емоции, тука во Македонија, но и во Австралија, Италија, Германија..
Даг Јохан Хагеруд е роден 1964 година, се школувал за библиотекар, а подоцна ги завршува Академиите за филм, театар и креативно пишување и драматургија во Стокхолм и Осло. Пред потполно да и се посвети на филмската уметност, Даг Јохан Хагеруд работел како новинар и како драматург во различни компании за танц и театар. Зад себе има искуство и како успешен писател на романи. Музиката е неговата втора страста, затоа музиката во неговите филмови тој ја поставува како засебен лик. Во 1998 година пред филмската публиката се претставува со својот прв краток филм што е во времетраење од само 4 минути,„16 животни клишеа„ (16 Living Clichés) во кој го претставува секојдневното клише на 16 лика, за потоа да следат десетина други кратки авторски филмски форми меѓу кои и получасовниот „Невоља“ (Trouble) во кој како што вели тој, се соочуваме со два процеса; првиот е дека лагите и самозалажувањето често креираат невољи, а вториот дека гордоста никогаш никого не направила среќен. Филм со навидум едноставни случувања, но со силни возбуди во позадина, Впрочем како и во сите негови филмови, тој ја следи едноставната емоција која доведува до сложени дилеми. За овој краток филм тој во 2006-та година ја добива Почесната награда на Нордиската Панорама. Тој е познат и по среднометражните играни филмови како „Јас сум таа што ја сакаш“ (2014) во кој улогата на главниот лик учителката Хенриет што се вљубува во својот 15 годишен ученик многу сликовито ја носи една од неговите омилени актерки, Андреа Браент Ховиг која во долгиот филмски монолог, напати прекинат со сцени од Осло, ни ја раскажува својата љубовна приказна, полна со себеистражување и себеоткривање. Оваа филмска сторија, би рекле можеби е почеток на создавањето на приказната за неговиот последен „Соништа“ во кој пак тој создава обратна ситуација во улогите на вљубениот и љубената. Хагеруд во, за него својствените неприкосновено карактеристични набљудувања на обичниот човек и неговите основни потреби, ни креира ситуации на навидум ирелевантни детали, кои потоа стануваат круцијални за завршување на едно дејство. Како публика, тие филмски приказни ги впиваме како „ладна чаша изворска вода“, питка само за нас наполнета и која ја испиваме во еден здив, до крај. Кај Хагеруд исто така е многу значајно неговото перманентно истражување на границите на подносливата емоција, но зарем таква има? Со неговиот дебитантски долгометражен игран филм, комедијата- драма, „Припаѓам“ (I Belong) (2012) на домашниот филмски фестивал во Хагесунд во 2013 година е номинаран во шест а добива четири Аманда награди: за најдобар норвешки филм, најдобар режисер, наградите за најдобра главна улога и најдобро оригинално сценарио. Во 2020 година тој за својот втор долгометражен филм „Чувајте се од децата“ (Beware of Children) награден е со дури девет Аманда статуетки, додека за филмовите од неговата позната Осло трилогија „Секс“ (Sex), „Љубов“ (Love) и „Соништа“ (Dreams) е награден со највисоката награда на Нордискиот филмски совет и со наградата на Здружението на филмската критика на Норвешка. Филмот „Секс“ е селектиран во престижната програма Панорама на Берлинскиот филмски фестивал во 2024 година, истата година вториот филм од трилогијата „Љубов“ е прикажан во главната натпреварувачка програма на 81. Венециска филмска Мостра. Последниот „Соништа“ му ја донесе Златна мечка за најдобар филм на годинешното 75.Берлинале и наградата на Fipresci. Со оваа трилогија Хагеруд ја освои и публиката и критиката, а особено симпатиите на фестивалските селектори препознавајќи го автентичниот сценаристички и режисерски предзнак на непосредното, искреното. Неговите ликови се исполнети со топлина, љубов, грижа, хуманост. Отворени кон хоризонтот полн со предизвици и отворени прашања, но и место за двобој со толку природниот след на дијалозите. Покривите на Осло, фериботот до дома, случајните средби, договорените средби, писмото сокриено во дневикот, болничката соба со прашален и молбен поглед, секс во морето, вознемирувачки погледи од блиските. Вртоглаво и зашеметувачки реално, блиско, почувствувано. Ви благодарарам Даг Јохан Хагеруд, за овие емоции што ни ги подарувате преку своите филмови. Ќе ги чуваме како наши.
Гена Теодосиевска
Филмски критичар
Уметнички директор на МФФ Киненова