ВЛАДИМИР САМОИЛОВСКИ (Северна Македонија) Добитник на награда „Златна грива“ за ОСОБЕН ПРИДОНЕС ВО ФИЛМСКАТА УМЕТНОСТ 10. МФФ КИНЕНОВА 2025

Објавено на: септември 18, 2025

Владимир Самоиловски е најдобриот македонски кинематографер од средната генерација кинематографери, филмски автори, со беспрекорна вештина во познавањето на сите процеси на создавањето на еден филм. Неговата визуелна креација и професионална соработка со режисерите и актерите е високо почитувана, како во Македонија така и во регионот и пошироко. Неговата страст за професијата и љубопитството му овозможуваат да соработува на филмски продукции на повеќе континенти. Тој соработувал со низа еминентни имиња од режисерската фела, како од Македонија, така и од просторите на поранешна Југославија. Тука би ги споменале: Трајче Попов, Бранко Гапо, Димитрије Османли, Столе Попов, Карпо Година, Владимир Блажевски, Коле Ангеловски, Мето Поповски, Милчо Манчевски но и режисери и сценаристи од помладата генерација као Дарко Митревски, Александар Поповски, Светозар Ристевски, Марија Апчевска, Теона Стругар –Митевска, Вардан Тозија, Арбен Тачи, Кастриот Идризи, Димитар Оровчанец, Лавинија Софрониевска и низа други.
Со својата умешност во справувањето и со најнепогодните локации и во најсуровите временски услови, нивните филмови ги довел до саканите резултати. Влатко Самоиловски има импресивна бројка на филмски продукции во својата речиси 50 годишна кариера. Неговото професионално портфолио содржи близу 100-тина долгометражни играни, документарни, кратки играни филмови ТВ драми, тв серии, емисии. Потекнува од фамилија на филмски работници, така што веќе доста млад навлегува во тајните на филмската магија и на технологијата на ТВ и филмската камера, мотивиран од својот татко, ветеранот на македонската и југословенската филмска кинематографија, Мишо Самоиловски во чии филмови соработувал како снимател оператор.
Владимир Самоиловски е роден во Скопје, во 1953 година. Неговата кариера како филмски работник и професионален соработник на филм ја започнува во 1976 година кога се вработува во продуцентската куќа Вардар филм (е тоа беа времиња!!!!!!) најпрво како асистент снимател а подоцна и снимател-швенкер. Како асистент снимател соработува на филмовите „Пресуда“ (1977), „Дае“ (1979) „Оловна бригада“ (1980), „Време води“ (1980), додека како снимател работи на „Хај-Фај“ (1987)„Тетовирање“ (1991), „Ангели на отпад“ (1995), „Пред дождот“ (1994) а како директор на фотографија го раскрилува својот талент во филмовите: „Македонска сага“ (1993), „Светло сиво/Ѓавол во срцето“ (1993), „Часовник“ (1997), „Збогум на 20тиот век“ (1998), „Хофманова 13“ (2000), „Вета“ (2000), „Илузија“ (2004), „Остани исправен“ (2005), „Зад темнината“ (2007), „Мајки“ (2010)„Бардо“ (2012), „Враќање“(2015), „Џган/Амок“ (2016) „Амби“ (2017), “Северен пол“ (2021), „М“ , „Исчезнати“, “Убиј ги прво децата“ (2024). Во својата долгогодишна професионална посветеност на филмската фотографија Самоиловски се развива во оној чудотворец, мајстор на светлото и темното, кој преку камерата, дури и најкомплексните филмски стории, со својата природна даровитост и инстинктивност, како алхемичар, ги претвора во интересни, а некои сцени и незаборавни и до денес прераскажувани. Додека работи на 35мм неговата топла гама е препознатлива особено во „Македонска сага“ за кој во 1993 година на ИФФК„Браќа Манаки“ добива две награди, Бронзена камера 300 во компетиција и награда Камера 300 за најдобар дебитант. Неговиот исклучителен талент како директор на фотографија го согледуваме и во дистопискиот и “нострадамовски“ филм „Збогум на 20тиот век“. Во овој филм Самоиловски и неговата камера се како еден од ликовите, активен, спремен за дијалог, отворен, а сепак еманентен, пророчки загонетен. Овој проект и по својата комплексност веднаш ви го предочува прашањето: Како ли сето ова го снимиле!?. Го снимиле, зошто Влатко дал се од себе. Овој филм е неправедно запоставен, како од хроничарите на филмската уметност, од критичарите и промоторите на македонската кинематографија, кои ретко го споменуваат, некако остана заборавен, а има да понуди многу во сите сегменти од филмската продукција. Камерните сцени пак во филмот „Илузија“ не внесуваат во топлата, но и тешка животна драма на протагонистите. Самоиловски создава посебна релација со актерите и креира атмосфера на реални акции. Владимир Самоиловски несомнено се вклопува во стереотипот на најдобрите филмски мајстори на светската филмска фотографијата, кои се одликуваат со молчаливата величественост, кроткост и истрајност. Невидливи, а толку присутни на филмскииот сет и потоа. Такви останаа малкумина, а Влатко би рекла, е единствениот на овие простори. Кога филмот „го стигнува“ дигиталната технологија, тој спремно и стамено ги дочекува и им се препушта на сите предизвици кои таа нова технологија ги нуди. Кога ќе ги погледнете филмовите на Владимир Самоиловски, веднаш ќе забележите дека тој гради своја школа на поставување на кадар. Тој е невидливиот соговорник за многу актери, кои не забораваат да му се заблагодарат дури и на најпознатите фестивалски црвени ќилими. Негови обожувачи, пријатели и драги соработници беа актери со богата филмска и театарска кариера како: Мери Бошкова, Љупка Џундева, Милица Стојанова, Јосиф Јосифовски, Ацо Јовановски, Ратка Радмановиќ, Мето Јовановски, Ненад Стојановски, Кирил Ристоски, Данчо Чеврески, Велимир Бата Живоиновиќ, Бранислав Лечиќ, Петар Божовиќ, Неда Арнериќ, Жарко Лаушевиќ, Мира Фурлан, Мирјана Јоковиќ, Драган Бјелогрлиќ, Митко Апостолов, Петар Арсовски, Раде Шербеџија, Катерина Коцевска, Софија Куновска, но и актерите од најмладата генерација. Заедно со светски познатите и наградувани кинематографери Федон Папамајкл и Ѓокан Тирјаки, Самоиловски беше член на меѓународното жири на 37. ИФФК „Браќа Манаки“ во 2016 година во Битола. Во секоја моја комуникација со Папамајкл, тој не заборава да ми напише: Поздрави го нашиот Владимир!
Средбите со Сам Пекинпо ги смета за исклучителни, неповторливи, особено соработката со кинематограферот, оскаровец и еден од највлијателните филмски автори иранско-францускиот директор на фотографија Дариус Конџи на филмот на Манчевски „ Пред дождот“.
Режисерите од сите генерации, а денес особено од помладата генерација исклучително искрено го почитуваат и секогаш го избираат Влатко да работи со нив. Влатко е срцето на филмската сторија, Тој е спремен да помогне во сето она што се случува и пред и зад камерите. Секогаш со задоволство дава совети и во делот на продукцијата и во пост продукцијата на филмот.
Среќни сме што Владимир Самоиловски е наш добитник на специјалната награда „Златна грива“ за особен придонес во филмската уметност на 10 јубилејно издание на МФФ Киненова.
Со него сме горди на македонскиот филм.
М-р Гена Теодосиевска, Филмски критичар,
Уметнички директор на МФФ Киненова