Мастерклас на Мирослав Терзиќ и Бранислав Трифуновиќ на Киненова: Раскажувајте приказни и никогаш и по никоја цена не се откажувајте од своите идеи
Мирослав Терзиќ и Бранислав Трифуновиќ ги споделија своите искуства со студентите на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима, во рамките на 11. Киненова.

Мастерклас на Киненова
Во рамките на програмата на 11. издание на МФФ Киненова, денеска во просториите на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима мастер клас одржаа режисерот Мирослав Терзиќ и продуцентот и актер, Бранислав Трифуновиќ.
Нивниот филм „Три недели потоа“ синоќа беше прикажан на свеченото отворање на фестивалот, а режисерот Терзиќ го прогласи за отворен.
– Многу е убаво кога ваш филм отвора еден многу значаен фестивал. Кога ќе дојдам во Македонија секогаш се чувствувам добредојден, особено во Скопје. Бев овде пред десеттина години и можам да речам дека градот доста се променил.
Раскажувајте приказни. Следете ги своите идеи.
На денешниот мастерклас Трифуновиќ рече дека нема никакви тајни за да им открива на студентите.
– Постои само страст. Имав среќа во животот да го пронајдам и да го работам тоа што сакам да го правам и тоа е голема среќа. Не се обидувам ништо да ве научам, само ќе се обидам да ви пренесам некои мои искуства, па доколку вие успеете нешто да „украдете“ од тоа јас ќе бидам презадоволен. Би им порачал да раскажуваат приказни и никогаш и по никоја цена да не се откажуваат од своите идеи. Можеби најточно е да речам дека кога нешто ќе ве зачеша вие ќе се почешате- е токму тоа би им го порачал на студентите. Да знаете кога нешто ве тера, внатре во вас тлее, обидете се тоа да го следите, рече Терзиќ.
Од актерство до продукција
Бранислав Трифуновиќ е актер и продуцент, кој во Скопје допатува за премиерата на филмот и одржа мастерклас.
– Овој филм го работевме 10 години почнувајќи од првата идеја, па се до премиерата на фестивалот во Карлови Вари. Сега веќе чувствуваме едно олеснување бидејќи знаеме што сме сработиле и што тоа можеме да го споделиме со публиката. Среќен сум што публиката на Киненова го погледна филмот по Карлови Вари и ќе ви одговорам на сите прашања што ќе ми ги поставите, рече Трифуновиќ пред студентите и посочи дека би го истакнал искуството на актер во продуцентски води.
– За да сфатите што значи продукција, би ве поттикнал да направите барем еден краток филм од 3 минути и да се обидете некако да разберете, да немате како мене мислење дека продуцентите се само таму некои луѓе кои земаат пари и не им плаќаат на актерите. Морате да се обидете да го сфатите тоа, рече Трифуновиќ.








