На десеттото, јубилејно издание на „КинеНова“, со огормно задоволство наградата за животно дело и’ ја доделуваме на една од најзначајните актерки во минатиот, 20 век, векот на филмската уметност. За неа е доволно да се каже дека е „муза“ на големиот Ингмар Бергман, играјќи во десет од неговите, според многумина, најдобри филмови. Но Лив Улман, се разбира, е многу повеќе од тоа. Љубовта кон уметноста безброј пати ја докажала и на театарската сцена, но и на режисерското столче, на кое милува да седи во последните три декади од својата богата кариера. Таа се’ уште е витална и полна со енергија, и со радост и’ ја доделуваме највисоката награда за животно дело, заслужено вбројувајќи ја меѓу великаните кои во изминатите години ја добија нашата фестивалска награда.
Лив Улман (16 декември 1939 година, Токио, Јапонија) е норвешка актерка позната по својата природна убавина и интелигентни, сложени актерски изведби. Таткото на Улман бил норвешки инженер чија работа барала долги патувања. Како резултат на тоа, Лив е родена во Јапонија, а израсната е и образувана во Норвешка, Канада и САД. Во тинејџерските години, студирала глума во Лондон и Норвешка и настапувала во неколку претстави за Националниот театар во Осло.
Улман се појави во мали улоги во четири кратки филмови пред да се сретне со Ингмар Бергман во 1966 година. Кога тој ја избра за главната улога во неговата комплексна психолошка драма „Персона“ (1966), тие започнаа долгогодишна професионална и лична врска. Работата на Улман со Бергман доби широко признание и ја направи актерката меѓународна ѕвезда. Нивните соработки – од кои речиси сите се сметаат за ремек-дела од филмските познавачи – ги вклучуваат „Часот на волкот (1968), „Срам“ (1968), „Плач и шепотења“ (1972), „Сцени од бракот“ (1973), „Есенска соната“ (1978)… Нивните други соработки ги вклучуваат филмовите „Лице в лице“ (1976), за кој Улман доби номинација за Оскар, и ТВ филмот „Сарабанд“ (2003). Улман, исто така, доби номинација за Оскар и за нејзината изведба во историската драма „Емигрантите“ (1971), режирана од Јан Троел.
Во текот на својата кариера, Улман работеше и на сцената и на екранот. Таа покажа голема разновидност при изведбата на делата од Вилијам Шекспир, Хенрик Ибзен, Антон Чехов, Џорџ Бернард Шо, Бертолт Брехт, Јуџин О’Нил, Џорџ С. Кауфман и Мос Харт. Нејзината најпозната сценска улога беше онаа на Нора во „Куќа за кукли“ од Ибзен. Тоа беше и единствената ролја што некогаш ја повтори, изведувајќи ја улогата и на радио, како и на сцените во Осло и во Њујорк. Таа често соработуваше и со познатиот театарски режисер Хозе Кинтеро: како Џози во „Месечина за злобните“ (1976), во насловната улога на Ана Кристи (1977), во комедијата на Чехов „Мечката“ (1978) и во „Човечкиот глас“ (1979), во кој таа одигра возбудлив 45-минутен монолог.
Иако нејзините подоцнежни филмови добија скромна американска дистрибуција, Улман остана меѓу најпочитуваните актерки во светот. Позначајни актерски остварувања од почетокот на 21 век се оние во филмовите „Низ стакло, Темно“ (2008) и „Два живота“ (2012). Покрај тоа, Улман ги режираше и филмовите „Софи“ (1992); „Кристин Лаврансдатер“ (1995); „Невернопст“ (1999), за кој Бергман го напиша сценариото; и „Добрата Џули“ (2014), кој го адаптираше според истоимената драма на Август Стриндберг.
Во 2022 година, Лив Улман ја доби почесната награда „Оскар“ за „храброста и емоционалната транспарентност кои на публиката ѝ подарија длабоко трогателни човечки портрети на екранот“.
ЛИВ УЛМАН (Норвешка) Добитник на наградата „Златна грива“ за ЖИВОТЕН ОПУС 10. МФФ КИНЕНОВА 2025