Кинематограферот Владимир Самоиловски е годинашен добитник на Специјалната награда за особен придонес во филмската уметност на 10.МФФ Киненова и член на жири комисијата на јубилејно издание.
Тој денеска на ФДУ одржа мастерклас и на самиот почеток истакна дека мора да признае дека досега не држел мастеркласови, и дека ова е негов прв пат.
-За мојата филмска приказна можам да зборувам многу, но знам дека помладите колеги ги интересира што сум работел од филмовите и се разбира да одговориме на бројни прашања, рече Самоиловски.
Владимир Самоиловски е најдобриот македонски кинематографер од средната генерација кинематографери, филмски автори, со беспрекорна вештина во познавањето на сите процеси на создавањето на еден филм. Неговата визуелна креација и професионална соработка со режисерите и актерите е високо почитувана, како во Македонија така и во регионот, но и пошироко. Неговата страст за професијата и љубопитството му овозможуваат да соработува на филмски продукции на повеќе континенти. Тој соработувал со низа еминентни имиња од режисерската фела, како од Македонија, така и од просторите на поранешна Југославија. Тука би ги споменале: Трајче Попов, Бранко Гапо, Димитрије Османли, Столе Попов, Карпо Година, Владимир Блажевски, Коле Ангеловски, Мето Поповски, Милчо Манчевски но и режисери и сценаристи од помладата генерација као Дарко Митревски, Александар Поповски, Светозар Ристевски, Марија Апчевска, Теона Стругар –Митевска, Вардан Тозија, Арбен Тачи, Кастриот Идризи, Димитар Оровчанец, Лавинија Софрониевска и низа други.
-За младите е најинтересно техниката со која се работи, визуелноста на секој што ја носи во себе. Но, тоа не се учи, тоа се постигнува со постојана работа. Тоа во книги го нема и затоа на професорите на ФДУ и на студентите постојано им посочувам дека треба кога ќе завршат со студиите да асистираат на повеќе филмови пред да почнат да работат. Јас асистирав осум години низ целата поранешна држава, Југославија и надвор од неа, па дури потоа станав снимател., раскажа Самоиловски и доодаде дека на почетокот немал намера да стане кинематографер, работел само за да обезбеди сретства за егзистенција на семејството.
Со својата умешност во справувањето и со најнепогодните локации и во најсуровите временски услови нивните филмови ги довел до саканите резултати. Влатко Самоиловски има импресивна бројка на филмски продукции во својата речиси 50 годишна кариера. Неговото професионално портфолио содржи близу 100-тина долгометражни играни, документарни, кратки играни филмови ТВ драми, тв серии, емисии. Потекнува од фамилија на филмски работници, така што веќе доста млад навлегува во тајните на филмската магија и на технологијата на ТВ и филмската камера, мотивиран од својот татко, ветеранот на македонската и југословенската филмска кинематографија, Мишо Самоиловски во чии филмови соработувал како снимател оператор.
-Ваквите мастеркласови се мошне значајни бидејќи секоја комуникација е добра. Секое искуство да се сподели со некого е добро. А јас имам многу искуство, сум работел многу проекти од Европа до Аргетина. Младите ги интересира и сакаат да научат и прашуваат за моите искуства, но има и такви кои не покажуваат интерес. Јас кога асистирав, ги впивав сите работи што се случуваа, и се интересирав и така учев, раскажа Самоиловски.
Режисерите од сите генерации, а денес особено од помладата генерација исклучително искрено го почитуваат и секогаш го избираат Влатко да работи со нив. Влатко е срцето на филмската сторија, Тој е спремен да помогне во сето она што се случува и пред и зад камерите. Секогаш со задоволство дава совети и во делот на продукцијата и во пост продукцијата на филмот.











