Видеото на Бени (Benny’s video)

Австрија/1992/110’

Режија и сценарио: Михаел Ханеке (Michael Haneke)

Улоги: Арно Фриш (Arno Frisch), Ангела Винклер (Angela Winkler), Улрих Михе (Ulrich Mühe)


14-годишен видео ентузијаст опседнат од филмови со насилство одлучува да направи сопствен филм и да им го прикаже на родителите, со трагичен резултат. Генијалноста на Ханеке станува  евидентна! 


Фестивали и награди/Festivals and awards

– Viennale 1992 – Vienna Film Award

– European Film Awards 1993 – FIPRESCI prize 


Михаел Ханеке е австриски режисер и сценарист, којшто со своите први филмови, дебитантскиот (Седмиот континент 1989), психо драми, трилери и хорори ја освои помладата, а потоа и повозрасната публика, која преферира сериозен филмски израз. Психолошкиот трилер Забавни игри  (1997) во следната декада е најгледаниот трилер во Австрија и Германија, но и во многу Европски земји. Овој филм не е филм само за убивање од забава, ова е филм за убивање од досада, извитоперена состојба во која се наоѓаат половина од младите низ светот. Страшната страна на животното наречено човек, страна од која со векови се обидуваме да побегнеме, да се скриеме, да ја уништиме. Состојбите кои доведуваат до помрачување на разумот и губење на критериумите кај личности кои бесчувствително ја „впиваат„ околината и својата врста, можеме да ги наречеме и присутни синдроми на прерано прекумерно незаслужено примање на емоции и материјални добра. Со еден збор -аздисаност. Отсликувањето на овие лични состојби, психолошките трауми скриени во мрачните агли на злото, кое го демне секое живо суштество, безвременски, Ханеке мајсторски го реализира, притоа не стеснувајќи се да го вовлече и детскиот, не докрај дефиниран предмет на желбата во вртлогот на злото (Белата панделка 2009). Тоа зло, недостатокот на емпатија, самодоволност, се чини дека е постојана преокупација во неговите филмови и како сценарист и како режисер, освен во филмот Љубов (2012), каде што доминира љубовта над рамнодушноста. Тоа зло е комплексен еманат и на страстите и себеповредувањето (Пијанистка 2001), тоа зло е непотребна мисла при грижата на совест  (Среќен крај 2017), тоа зло е единственото кое ни објавува дека постои и добрината, доброто или пак онаа леснотија на одлуки на буржоазијата во Скриено 2015, која не вознемирува. Сите состојби на човечката психа, низ своите сториим, Михаел Ханеке ги има проучувано како современ Фројд. Низ целиот „филмски десант“ во освојувањето на публиката, со него секогаш биле неговите први соработници кинематограферите Јурген Јургес и Кристијан Бергер, но и неговата омилена актерка Изабел Ипер  и Веит Хајдушка, кој се појавува и како продуцент во некои од филмовите на Ханеке. Филмските стории што ни ги нуди Ханеке, обилуваат со збунувачка таинственост, со математички дигресии во очекуваното, темни агли на безумието, но и деликатна нежност, сексуална фрустрација  и сето тоа „спакувано“ во изненадувачки спокоен филмски пејзаж. Тој преку филмската уметност не „слика“ сите нас, преку една соба отсликува цело општество, преку еден лик, цел еден род.  Сите актери во неговите филмови се неприкосновени во својата суштина дадени од ликот. Во тоа е мајсторството на Михаел Ханеке, тој е исклучително вешт во работата со актерите, што би забележале дека Ханеке толку добро се познава себеси, што се гледа низ сите ликови кои ги креира, како еден вид на себесоголување.