ИЛДИКО ЕЊЕДИ: Во своите дела го барам не она што нè разделува, туку она што нè спојува 

Сунчица Уневска

„Сличноста меѓу луѓето и животните е во тоа што и едните и другите мислат дека уживаат потполно во животот“, порачува унгарската режисерка Илдико Ењеди во нејзиниот исклучителен филм ‘Тело и душа’. Но, дали е така? За неа целата филозофија на живеење е многу едноставна, да се напушти удобноста која ни ја овозможува бегството, да се отворат очите за она што се случува околу нас, но не сакаме да го видиме, да се види убавината, но да не се заборави и нејзината опачина. Всушност, и не можете во него да уживате ако не сте вистинити, ако не се отворите, ако не дозволите да бидете повредени, разочарани, одбиени.

‘Тело и душа’ е филм кој изобилува со неверојатни сцени, како од кланицата, брутално, реалистично, морничаво, полно со крв и лишено од било какво сочувство или емпатија, така и од оној нежен и љубовен свет што наеднаш го разоткриваат протагонистите, свет што го препознаа во сонот, искрен, тежок, болен, но вистински. Да, многу често сме брутални и кон себе и кон другите, сметајќи го тоа за оправдано, бидејќи веруваме дека така болката е помала. Но, не е. Само кога ќе го напуштиме замислениот комфор, дури тогаш можеме да зборуваме за живот со полни гради. Впрочем, и тоа е избор, бидејќи, како што би рекла Ењеди, „не е дури ни најстрашна смртта, пострашно е како постапуваме со животните, но секако, и едни со други“. 

Тоа е дел од рецензијата за еден од најуникатните филмови последниве години, кој во 2017 ја освои „Златната мечка“ во Берлин и некако, многу повеќе од порано, ѝ го отвори патот кон светскиот успех на унгарската режисерка и сценаристка, Илдико Ењеди, една од најоригиналните авторки на денешнината, која се занимава со филмската слика подеднакво како и со филозофијата на живеењето вклопена во неа. Интересно е дека за многумина таа беше откритие, иако Ењеди уште со својот прв долгометражен филм од 1989, „Мојот 20 век“, за кој ја доби „Златната камера“ во Кан, ја покажа сета својата посебност и еден сосем поразличен поглед кон филмската уметност.

Чудно е понекогаш како работите функционираат, но важно е дека вистинското време ќе дојде, па тогаш некако, како и сега, ќе се навратиме на сè што, всушност, и го одбележува нејзиниот опус, кој трае веќе триесетина години. А уште почудно е што работите ги мериме според наградите, а не според длабочината на пораките и филозофските промислувања за животот, кои Ењеди умее така суптилно, но силно и извонредно да ги спои со филмската слика. Тргнувајќи од нејзиниот филм, „Мојот 20 век“, за кој не случајно се вели дека е вистинско ремек-дело, кој според комплексноста, според темите, според времето кое го опфаќа, според идеите што успева така совршено да ги склопи и да проговори за толку актуелни моменти, е нешто неверојатно. Некои теоретичари ова раскошно визуелно и содржајно дело го споредуваат со „Граѓанинот Кејн“, и со право. 

Имено, доволно е само да се погледне визуелниот и естетски концепт, доволно е да се види инвентивноста во црно-белата слика, доволно е да се види сјајот и моќта на нејзините идеи. Тоа, дефинитивно, е совршенство кое говори како за раѓањето на филмот, така и за светлината, така и за темнината, така и за животот, така и за односот помеѓу родовите и за оние врежани мислења и слики, што со таква леснотија и провокативност умее да ги урне или барем да постави прашања што ве оставаат без одговор. Зошто? Затоа што одговорите и денес не се единствени, затоа што судбините и денес зависат од многу предрасуди и некакви шаблонизирани концепти, кои навидум работите ги прават поедноставни, односно поприемливи, сè додека не се запрашате каде е вистината и колку навистина времето успева нешто суштински да измени.

Она што одушевува кај Илдико Ењеди е нејзината склоност кон надреалното, кон фантазијата, кон чудата, кон магичниот реализам, а повторно во нивното средиште секогаш се многу едноставни приказни, за животот, за љубовта, за случајноста на среќата или несреќата, за некои работи кои понекогаш се и непроменливи, без оглед на времето. Токму затоа, интересен е честопати и нејзиниот спој со некои други времиња, како „Мојот 20 век“ кој се протега од 19 па до крајот на 20 век, или филмот „Одличен ловец“ (1994), во кој сегашноста се испреплетува со Средниот век. Па сепак, и покрај надреалноста, не се тоа некои фантастични дела, не, тоа се многу реални филмови, кои зборуваат за страста, за можноста за комуникација, за разбирањето, за откривањето и отворањето на себеси пред другите, за нашата немоќ пред непознатото и нашата несреќа кога не можеме да го разбереме токму оној кого го сакаме. Можеме ли да бидеме целосни, без оглед на контекстот. Бидејќи, подобриот свет не мора секогаш да е оној што не опкружува, туку оној по кој трагаме, оној кој сакаме да го дофатиме, оној во кој се пронаоѓаме, оној кој нѝ кажува дека сме подобри од тоа во што веруваме.

Во 2000 година Илдико Ењеди беше вклучена меѓу десетте најистакнати филмски автори на денешнината во проектот на продукциската куќа „Арте“ да се направи меѓународна колекција од 10 филмови со истата тема: за преминот во третиот милениум. Покрај Ењеди, тука беа и: Хал Хартли, Тсаи Минг Лианг, Волтер Сејлс, Абдераман Сисако, Ромуалд Кармакар и други. И тогаш, впрочем, Ењеди го направи „Тамаш и Џули“ (1997), во кој се вљубуваат двајца срамежливи луѓе, додека дејствието е сместено во валканиот и бучен свет на рудникот за јаглен. Можеби тука некаде и лежи самата идеја за „Тело и душа“, само што понекогаш е многу важно да се вклопат сите фактори, а можеби и поблизок нѝ е светот на животните и на соништата, во кои се препознаваме. 

Со други зборови, Илдико Ениеди е доста верна на себеси и доследна на својот светоглед, со навистина извонреден талент како сето тоа да го смести во филмската слика и на тој начин да се бори за промените, на тој начин да зборува за подобрување на светот и за тоа дали и колку работите навистина се изменети, да зборува за состојбите во општеството и за историјата на цивилизацијата. За неа се вели дека доаѓа од авангардната уметничка сцена до врвните фестивали, но дали е така? Бидејќи, таа и денеска е авангардна, таа и денеска припаѓа на артхаус кинематографијата, таа и денеска зборува за истите теми на различен начин. Така беше и со „Сајмон, магионичарот“ (1999), каде што обработува една библиска тема, така беше и со краткиот филм кој се смета за вистинско откритие, „Прва љубов“ од 2008 година, каде што за првпат зборува за љубов меѓу девојка од Земјата и вонземско битие…

Илдико Ењеди е верна на својата потрага по вистината, на потребата низ естетски аспекти да зборува за општествената одговорност, за неа се најважни кредибилитетот, доследноста и храброста, за неа е важно во филмот да се влезе со срце и со душа. Затоа и успева на свој начин да допре до публиката, затоа и успева да зборува за различностите, затоа и успева да се осврне на постмодернистичкиот свет и да поттикне на размислување додека за современиот свет зборува отворено и без предрасуди. Не со цел да го критикува, туку да укаже на оние модели за кои веруваме дека сме ги надминале, но стварноста покажува, како што вели таа, дека сите, не само мажите, имаме „токсични обрасци“. Тоа е впрочем тема која се наметна со нејзиниот најнов филм „Приказната за мојата жена“ (2021), што наиде на доста студен прием во Кан, а таа веќе работи на новиот „Ангелски труби“, во кој се осврнува на проблемот на трговијата со бело робје. Навидум различно, но Ењеди вели дека она што ја карактеризира нејзината посебност во филмовите е фактот дека секогаш бара емпатија, го бара не она што нè разделува, туку токму она што нè спојува.