За нас

Идејата за овој филмски фестивал произлезе од итната потреба за поширок простор за презентирање на дебитантски филмови од многу нови филмски автори од регионот и од целиот свет.

Меѓународниот филмски фестивал КинеНова Скопје, притоа, вклучува активности како што се промоција, поддршка, размена на искуства и филмски награди. Тоа е место каде новите филмски автори можат да ги прикажат новите приказни и да понудат свежа перспектива за човештвото и светот во кој живееме.

Фестивалот и градот Скопје имаат чест да бидат точка на средба за новите филмски автори и одскочна даска за нивните кариерни патеки.

 

 

Оваа година, со фестивалот КИНЕНОВА се заоркужува една значајна целина. 10 години, 120 месеци посветена и непрекидна работа, за исполнување на големата мисија, да се пронајдат најдобрите, најхрабрите помеѓу новите авторски гласови, оние кои ќе ги предводат новите текови во филмската уметност. За мене ова претставуваше големо задоволство, но и голема одговорност, да се подигнат критериумите во нашата фела, но и да се избориме за простор за независните, за слободоумните, за чесните создавачи, да ја промовираме македонсската кинематографија во меѓународен контекст, но и да додадеме вредност во нашата кинематографија и филмски образовен прпцес и да можеме да бидеме оној охрабрувачки фактор на тешкиот пат, на кој многумина нови филмски создавачи се обесхрабруваат. Очигледно е дека како никогаш порано, со помош на новите технологии, можноста за копродукции и користење на меѓународни фондови, создавањето на еден филм е возможна мисија, но сметам дека во исто време, како никогаш порано е тешко слободно да се создава и слободно да се одбира тема за создавање, затоа што авторите се доведени до неверојатна позиција на автоцензура, приморувајќи се себеси да ги следат модерните, често суптилно или авторитарно наметнати текови во современите општества и потребите на одредени интересни групи за промовирање на нивните интереси. Следствено, како резултат на овие процеси, се добиваат „дела“ кои повеќе промовираат, наместо да општат и да отвораат прашања, дилеми и дијалог за општо добро на човештвото, за комуникација помеѓу слободни луѓе и култури. Тука, сметам дека Киненова игра особено важна улога, како дел од светската сцена на независни филмски фестивали, кој го чува својот простор слободен и чист од интереси кои ја загрозуваат слободата на уметничкиот израз во филмската уметност. Се чувствувам почестен што овој мој труд, но и труд на тимот околу мене е препознаен и признат од врвни, но слободоумни автори како што се: Улрих Зајдл, Илдико Ењеди, Кшиштоф Зануси, Мира Фурлан, Разван Радулеску, Бранка Катиќ, Жарко Лаушевиќ, Лив Улман, Мето Јовановски, Даг Јохан Хаугеруд, Аница Добра и многу други, кои беа дел од фестивалот и го потврдија неговиот квалитет и вредност со нивното активно присуство, но и со истакнување на неговата важност.